Дуња Мијатовиќ: Малолетните државјани на ЕУ мора да бидат вратени од Сирија

Европските држави мора да ги вратат нивните малолетни државјани притворени во кампот Ал Хол во Сирија, каде што 73.000 луѓе живеат во „непристојни и опасни услови”, смета комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, во извештај на Светската здравствена организација (СЗО) се посочува дека 90 отсто од поддржувачите на групата Исламска држава (ИД) затворени во овој камп во североисточна Сирија, се жени и деца, од кои многумина немаат повеќе од шест години.

Според СЗО, до 11 април имало 249 смртни случаи, од кои  80 проценти се деца на мала возраст, кои починале од неисхранетост, инфицирани рани, изгореници и акутна дијареја.

– Во овој контекст, ги повикувам земјите членки на Советот на Европа да ги преземат сите потребни мерки за да обезбедат итна репатријација на нивните помлади државјани од кампот Ал Хол, наведува Дуња Мијатовиќ.

Таа ги повикува државите членки на ЕУ да размислат за репатријација и на нивните мајки, истовремено почитувајќи ги најдобрите интереси на децата.

– Ништо не ги спречува државите да ги доведат овие жени пред лицето на правдата, ако тоа е потребно, додава Мијатовиќ.

Според француски извори, се верува дека во североисточна Сирија се наоѓаат околу 150 државјани на Франција, главно деца.

Треба да знаете
Последни објави