Руските спортисти ќе можат да се натпреваруваат како полноправни учесници или неутрални спортисти на Параолимписките игри идната година во Париз, откако членовите на Меѓународниот параолимписки комитет (ИПЦ) денеска гласаа против целосна суспензија на Русија.
„На Генералното собрание на ИПЦ во Бахреин, членовите на ИПЦ гласаа со 74-65 (13 воздржани) против предлогот целосно да се суспендира Рускиот параолимписки одбор поради кршење на своите уставни обврски од членството“, се наведува во соопштението на ИПЦ.
Одлуката доаѓа две недели пред заседанието на Меѓународниот олимписки комитет во Мумбаи на кое, исто така, ќе се расправа за учество на Русија и Белорусија на Олимписките игри 2024 во Париз.
ИПЦ лани ги суспендираше параолимписките комитети на Русија и Белорусија и им забрани на спортистите од двете земји да се натпреваруваат по руската инвазија врз Украина која почна во февруари минатата година.