Силна бура со врнежи денеска го поплави градското подрачје на Њујорк, затворајќи делови од градското метро, поплавувајќи ги улиците и автопатите и ги одложи летовите на аеродромот ЛаГвардија, објави АП.
Во некои области во текот на ноќта паднаа и до 13 сантиметри дожд, а во текот на денот се очекуваат уште 18 сантиметри, изјави гувернерката на Њујорк, Кети Хочул. „Ова е бура опасна по живот“, рече Хочул, додавајќи: „Сметајте на ова во следните 20 часа“.
Сообраќајот е во застој, а автомобилите се потопија на Френклин Д. Рузвелт Ист Ривер Драјв, главната артерија на градот долж источната страна на Менхетен. Некои возачи ги оставиле возилата.
Фотографиите и видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат како вода се излева во станиците на метрото и подрумите.
Метрополитенската управа за транспорт, која управува со метро и приградски железнички линии, ги повика жителите на најнаселениот град во САД да останат дома ако можат.