Тренчевска: Економското зајакнување на жените е врвен приоритет на министерството

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на панелот „Креирање политики и мерки кои поддржуваат родова еднаквост на работно место во С. Македонија” како дел од конференцијата „Родова еднаквост на работното место”. Конференцијата беше во организација на Aлијанса за родова еднаквост (Gender Equality Alliance) поддржана од Консалтинг за стратешки развој (SDC) и USAID.

„Секторот за Еднакви можности е главниот Владин механизам кој што работи на креирање на политики и спроведување на мерки во насока на имплементирање на родовата еднаквост во нашата држава. Како еден од главните чекори во исполнување на таа цел беше донесувањето на Стратегијата за родова еднаквост во 2022 година, која ќе биде со важност до 2027 година. Истата се спроведува преку акциски план на кој главните стратешки цели се да се спроведе ефикасен и ефективен механизам на национално и локално ниво за намалување на стереотипите поврзани со родовите улоги ” рече Тренчевска.

Министерката истакна дека целта е да се изгради култура на недискриминација и еднаквост во сите сфери на живеењето посочувајќи дека до крајот на 2024 година државата ќе биде во можност да ги измери и достигнувањата од мерките по претходно поставените индикатори.

Тренчевска зборуваше и за вклучувањето на жените на пазарот на труд, како дел од нејзината надлежност како Министерка за труд и социјална политика во државата.

„Од Оперативниот план за вработување како најатрактивни мерки ги издвојувам мерката за самовработување, која им овозможува на жените да отворат свои бизниси. Речиси половина од корисниците се млади девојки. Тука ќе ја спомнам мерката за стекнување на ИТ вештини каде за оваа година ја зголемивме возрасната граница од 29 на 40 години за да оствариме опфат на повеќе жени. Преку ваквите мерки вклучуваме жени кои не можат да најдат работа, можам да посочам дека успешно ги извлекуваме од системот за социјална заштита и ги интегрираме на пазарот на трудот ” рече Тренчевска.

Министерката на крај од панелот ги посочи двете кампањи на Министерството за труд и социјална политика „Гласна и храбра” и „Остави трага” кои ја поттикнаа дискусијата во општеството за поголемо економско зајакнување на жените. Таа истакна дека министерство во периодот кој што следи продолжува со своите заложби за унапредување на статусот на жените во државата.

Треба да знаете
Последни објави