Францускиот претседател, Емануел Макрон, вели дека негова желба е на вонредниот состанок на лидерите на ЕУ во Брисел, вечерва, да не се разговара за имињата на кандидатите на највисоките позиции во ЕУ, туку за проектите, приоритетите и критериумите за иднината на Унијата.
„Сакам да се фокусираме на суштината, на основните проекти на кои ќе работиме во следните пет години“, изјави Макрон.
Во однос на кандидатите, Макрон рече дека треба да бидат избрани жени и мажи што имаат кредибилитет и искуство да ги изнесат овие амбиции.
Според неговите зборови, такви особини имаат европската комесарка за конкуренција, Данката Маргарет Вестагер, главниот преговарач за брегзито Мишел Барние, и актуелниот потпретседател на Европската комисија, Холанѓанецот Франс Тимерманс.