Ѓоргиевска: Да се адресираат причините за сè уште високата нееднаквост на работното место, јазот во платите меѓу жените и мажите

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работното место” организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати.

Говорејќи за значајноста на зајакнувањето на економската сигурност на жените во Северна Македонија, сопругата на претседателот истакна дека целта е да се адресираат причините за сè уште високата нееднаквост на работното место, јазот во платите меѓу жените и мажите и дискриминацијата што сè уште постои во некои работни средини.

„Но, да бидеме и малку позитивни, тука сме и да се охрабриме со успешните примери за родова рамнотежа при вработувањето. Меѓу нас се претставници на компании коишто ќе посведочат за позитивните ефекти и искуства од економското јакнење на жените, не само во традиционалните индустрии, туку и во новиот, дигитален сектор “, нагласи г-а Ѓоргиевска.

Конференцијата е организирана од страна на Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА, со поддршка на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем”, финансиран од УСАИД, а спроведуван од Консалтинг за стратешки развој (КСР).

На конференцијата учествуваа говорници од домашни и меѓународни компании, развојни организации и институции кои дискутираа за новите трендови во женското претприемништво, програмите за економско јакнење на жените, како и промоција на можностите за вмрежување и размена на искуства и практики.

Конференцијата има за цел да ја зајакне економската сигурност на жените преку предизвикување професионална дискусија на компаниите и јавноста за причините за сè уште високата нееднаквост на работното место и истата го поддржува еднаквиот статус на жените на работа и во општеството преку споделување на добри практики и претставување на компаниски рол-модели.

Треба да знаете
Последни објави