Маричиќ: Секој документ што дава отворена поддршка на зачленувањето во ЕУ е добредојден

Секој документ од секоја држава членка која дава отворена поддршка на зачленувањето на државите од Западен Балкан е добредојден. Австрискиот документ е во таа насока и е позитивен притисок кон институциите на ЕУ и кон државите членки за изготвување јасен и недвосмислен план за членство на државите од Западен Балкан, бидејќи само тоа може да ја врати довербата кај нашите граѓани и кај сите граѓани дека ова е кредибилен процес.

Ова го изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во одговор на новинарско прашање да го искоментира австрискиот нон-пејпер испратен до ЕУ-институциите за конкретни чекори за интеграција на Западен Балкан.

-Ние силно веруваме дека е кредибилен процес и затоа сметам дека овие се добронамерни и добредојдени документи кои треба само да го продолжат на она што го кажа претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел во Блед за реалната можност за членство во 2030 година, овие документи ги гледам само како поддршка на тој политички став за тоа да биде преведено во конкретна политика да не остане само политички став, рече Маричиќ.

Австрија минатата недела преку нон-пејпер испратен до високиот претставник за надворшена политика и безбедност, Жозеп Борел и до еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, но и до земјите-членки, побара конкретни чекори од Европската унија за постепена интеграција на Западниот Балкан.

Австрија бара од институциите на ЕУ да презентираат јасна агенда за етапна и забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан со конкретни чекори за имплементација до 2024 година и во следниот период, врз основа на „фер и ригорозни услови и принципот на поединечни заслуги“. 

-Иако ја препознаваме важноста да се разговара за реформите во Унијата и за иднината на ЕУ, сметаме дека тоа не треба да се користи како изговор за одложување на процесот на проширување на нашите партнери од Западен Балкан, со кои преговараме со години и децении, се наведува во писмото потпишано од австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг и министерката за ЕУ и уставни прашања Каролине Едштадлер.

Натаму се посочува дека руската агресија врз Украина го промени политичкиот пејзаж на Европа и направи земјите од Западен Балкан и нивните граѓани уште побрзо е да се поврзат со ЕУ, па затоа треба да создаде „рамноправно поле за игра“ со другите кандидати и аспиранти, кои веќе ги уживаат придобивките на вклученост во зоната на слободна трговија.

Треба да знаете
Последни објави