Мисијата на ОН не забележала уништувања за време на посетата на Нагорно-Карабах

Тимот на ОН што го посети Нагорно-Карабах во неделата за првпат по околу 30 години, не виде никакво уништување, ниту собра докази за насилство врз цивилите од прекинот на огнот, соопшти вечерва портпаролот на ОН Стефан Дужарик.

Целта на еднодневната мисија, вклучително и претставници на неколку агенции и служби на ОН, беше да се проценат хуманитарните потреби во поранешната ерменска сепаратистичка енклава која капитулираше по офанзивата на Азербејџан.

Тие го посетија Степанакерт, главниот град на регионот, кој Баку го нарекува Ханкенди.

– Во деловите од градот што беа посетени, тимот на ОН не забележа никаква штета на цивилната јавна инфраструктура, вклучително болници, училишта и станбени згради, ниту на културна и верска инфраструктура, рече Дижарик, истакнувајќи дека ниту една продавница не била отворена.

Портпаролот на ОН додаде дека мисијата не забележала никакво уништување на земјоделска инфраструктура или угинати животни.

– Членовите на тимот не собраа никакви информации, од населението или други, за насилство врз цивилите по последниот прекин на огнот. Тие ја истакнаа потребата од обнова на довербата, што ќе бара „време и напори од сите страни“, додаде тој. 

Треба да знаете
Последни објави