Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска синоќа во Младинскиот културен центар присуствуваше и се обрати на отворањето на деветтото издание на Фестивалот на европска литература „Букстар”.
![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2023/10/Festival-_Bookstar-3-1024x680.jpg)
Костадиновска-Стојчевска на отворањето, на кое присуствуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир, поздравувајќи ги присутните истакна дека Фестивалот претставува искрен придонес во заемното запознавање на авторите и делата од домашната и од европската литература градејќи нова димензија на пријателството независно од културните и јазичните бариери.
„Делата од европската литература на еден благороден начин го збогатуваат културниот простор афирмирајќи ја книжевноста на европските јазици. Тие имаат унверзална моќ да нè поврзуваат и да нè воведуваат во различни светови, да нè вознемируваат, да нè предизвикуваат и да нè поттикнуваат на размислување, наведувајќи нè да поставиме прашања за животот, љубовта, искуството, социјалните предизвици и за многу други аспекти на човековото постоење”, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека Фестивалот, кој годинава се одржува под мотото „Ве молиме, вознемирувајте!”, не е случајно затоа што литературата, како израз на човечката фантазија и креативност, честопати не само што ја вознемирува туку и ја трансформира нашата реалност.
„На овој Фестивал на европска литература ние ги слушаме гласовите на писателите, толку различни и многубројни како што се и европските нации и култури. Преку нивните дела, ние се нурнуваме во многубројни светови, се вознемируваме, размислуваме и размислуваме повторно. Секоја страница, секоја буква го поттикнува нашиот ум и го оформува нашето разбирање за светот”, рече министерката за култура.
![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2023/10/Festival-_Bookstar-9-1024x681.jpg)
Фестивалот на европска литература, според Костадиновска-Стојчевска, е можност „да се запознаеме, да се поврземе и да ги претставиме искуствата и идеите, да го прославиме богатството на културното разнообразие и да го почитуваме литературното наследство што нè обединува”.
Во рамките на настанот, евроамбасадорот Дејвид Гир ѝ ја додели наградата „Букстар 2023″ на шпанско-мароканската писателка Наџат ел Хачми за романот „Во понеделник ќе нè сакаат” , а Фестивалот за отворен го прогласи авторката Лидија Димковска.
![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2023/10/Festival-_Bookstar-7-1024x680.jpg)
На деветтото издание на Фестивалот на европска литература ќе гостуваат десет европски автори, четириесетина македонски учесници од различни генерации, претставници на реномирани издавачки куќи и фестивали од пет држави од регионот. Фестивалот „Букстар” се реализира, меѓу другите, и со поддршка од Министерството за култура.
![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2023/10/Festival-_Bookstar-5-1024x681.jpg)