Обложувалниците се закануваат, власта не отстапува да ги дислоцира подалеку од училиштата

Парламентарното мнозинство не се откажува измените на Законот за игри на среќа, со кои меѓу другото казина, обложувалници и автомат клубови ќе мора да бидат оддалечени најмалку 500 метри од образовните институции.

Денеска, овие измени се најдоа на Комисијата за европски прашања што наиде на негодување од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и други опозициски партии, како партијата на Изет Меџити. 

Претседателот на Комисијата, Арбр Адеми пак ги обвинува опозициските пратеници за намерна блокада на овој закон, потсетувајќи дека во 2021 година Владата доставила Предлог- закон за игри на среќа, а на матичната Комисија за финансирање и буџет никогаш не бил разгледан затоа што е раководен од кадар на ВМРО-ДПМНЕ.

„Овој Закон не виде бел ден за да се дискутира, за да се одлучи врз основа на аргументите, но на некому му пречи донесувањето на вакво законско решение. Алијанса за Албанците пред повеќе од една година достави предлог-закон за игри на среќа, но до ден денес не е разгледан во Комисијата за финансирање и буџет. Тоа сакаат да го направат и со Комисијата за европски прашања, рече Адеми. 

Жестока реакција утрово имаше и Асоцијацијата на спортски обложувалници преку која побараа отфрлање на законски измени, а во спротивно се заканија со порадикални мерки. 

„Апелираме дека со насилниот обид да се донесе најдеструктивниот закон во историјата ќе се соочите со гневот на 10. 000 вработени во индустријата на игри на среќа кои ќе ги оставите на улица. Со овој предлог закон Владата врши упад во бизнисот со игрите на среќа свесно ставајќи клуч на врата на една легална индустрија, која во буџетот годишно носи прилив од 280 милиони евра.

Измените на Законот за игри на среќа предвидуваат оддалечување на обложувалниците и казината на најмалку 500 метри од училиштата, како и позаострени критериуми за извадање на лиценци за приредување игри на среќа. 

Законските измени повеќе од една година се во Собрание а беа предложени откако се појавија неколку здруженија на граѓани кои побараа целосна забрана за работа на обложувалниците и казината. 

Треба да знаете
Последни објави