Фон дер Лајен: И кандидатите за членство и ЕУ имаат свои домашни задачи поврзани со проширувањето 

Едно од прашањата за кои ќе се разговара на денешниот Самит на ЕУ ќе биде проширувањето, во однос на кое сите имаме домашни задачи, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред почетокот на неформалната средба на врвот на Унијата што се одржува во шпанскиот град Гранада. 

– Кандидатите за членство имаат домашна задача за да пристапат кон ЕУ, но и ние како Европска Унија имаме своја домашна задача. Европската комисија работи на разгледување на различни политики и погледи за да бидеме сигурни дека сме подготвени за проширувањето, истакна Фон дер Лајен.  

Таа нагласи дека ЕУ има долга историја на проширувањето и оние кои сакаат да се приклучат на Унијата, мора да бидат подготвени за тоа членство. 

– Искуството од досегашните проширувања е дека тие има неверојатни бенефити, не само за земјите што се зачленија, особено во однос на животниот стандард кој забрзано порасна, туку и за самата ЕУ со зголемување на нејзината моќ и проширувањето на заедничкиот пазар, што создаде голема додадена вредност за сите нас, потенцира Фон дер Лајен. 

Таа додаде дека покрај за проширувањето, на Самитот ќе се разговараа и за стратешката агенда на ЕУ, која има три главни прашања – безбедноста и одбраната, потоа енергијата, нејзината сигурност и инвестирањето во обновливи извори и конечно и темата за зајакнување на отпорноста, но секако ќе се дебатира и за миграцијата. 

– Во однос на миграцијата пред два дена имавме голем успех со постигнувањето на договорот во Советот на ЕУ за кризниот менаџмент, бидејќи тој е важен дел од целокупната сложувалка за миграцијата, истакна Фон дер Лајен.  

Според неа, на краток рок ЕУ мора да се насочи кон имплементација на Планот за миграцијата од 10 точки од Лампедуза, а на среден рок на склучување на сеопфатни договори за справување со илегалните миграциски текови со земјите на транзит и потекло на мигрантите, како оној со Тунис. – Ние имаме наши меѓународни обврски, сме ги почитувале во минатото, а тоа ќе го правиме и во иднина, но ние како Европејци ќе решаваме кој има право да доаѓа во Европа и под кои услови, а не трговците и шверцерите на луѓе, додаде Фон дер Лајен. 

Треба да знаете
Последни објави