Во Скопје со децении се гради на секој чекор, никнуваат згради во секоја населба, во секое маало, но цената на квадратот не само што не мирува, туку постојано расте.
24инфо.мк направи истражување во која скопска општина можете да дојдете до најевтин стан.
Тоа, секако се населбите по периферијата, како на пример Хиподром каде за еден метар квадратен во стан во постара зграда ќе треба да платите 900 евра, а толку ќе ве чини и квадратен метар во стара градба и во скопската населба Ѓорче Петров.
За стан во градба или новоизграден и невслеуван стан цената за метар квадратен во овие две населби изнесува помеѓу 1.100 и 1.300 евра.
Стан во стара зграда за помалку од 1.000 евра може да се најде и во Чаир и Бутел, додека новоградба чини околу 1.200 евра за метар квадратен.
Толку е цената на станови во градба и во Маџари, а нешто поскап е квадратот во населбата Ќерамидница, каде нов стан се продава за 1.250 евра за квадрат.
Во една од најатрактивните скопски општини, Аеродром, цената за метар квадратен нов стан изнесува околу 1.400 евра, додека за стар стан потребни е 1.200 евра за еден метар квадратен.
Слични се цените и во соседната општина Кисела Вода, 1.200 евра за квадрат за стар, а помеѓу 1.400 и 1.500 евра за нов стан.
Во Центар нов стан се купува за 1.800 до 2.000 евра за еден метар квадратен, додека за стан во постара зграда потребни се околу 1.500 евра за еден квадрат.
Најскапи се становите на Водно и во населбата Тафталиџе, во скопски Карпош. Таму цената е 1.500 евра за стара зграда, додека цената во нова зграда е околу 2.100 евра.
Во Тафталиџе, го најдовме и огласот со рекордна цена на квадрат, каде продавачот бара неверојатни 2.600 евра за двособен стан во близина на приватното училиште НОВА.
Според резултатите од пописот, во Скопје има над 70.000 празни станови, од нив најмногу се во општина Центар, но и при толкав број на празни станови, нивната цена за само една година порасна за 11 проценти, според податоците од Државниот завод за статистика.