Собраниската Комисија за европски прашања денеска организира јавна расправа на тема: „Владеење во функција на граѓаните во рамките на Комисијата за европски прашања“, на која е најавено обраќање на вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Како што се посочува во најавата, вклучувањето на политичките партии во процесот на креирање на Националната развојна стратегија (НРС) е особено важно за да се осигура вклучување на различните гледишта во финалниот документ, но и да се обезбеди континуитет во имплементирањето на стратегијата.
Основните цели на јавната расправа се следните: Краток преглед на НРС со акцент на соодветната стратешката област за НРС; Презентација на предложените системски промени и стратешки цели во соодветната област; Дискусија со членовите на Комисијата, други заинтересиран пратеници и експерти, академијата и претставници на граѓанското општество и бизнис-секторот и Заклучоци и следни чекори во процесот на подготовка на НРС.
Како што информираат од собраниската прес-служба, покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, на јавната расправа поканети се и други пратеници, како и претставници од академската фела, граѓанското општество, бизнис-секторот и експерти.
Во 14:00 часот Комисијата за европски прашања ќе одржи уште една седница на која на дневен ред е Предлог на законот за советодавен систем за земјоделството и руралниот развој, во второ читање.