Водачите на затворските банди во Бразил ќе бидат префрлени во максимално обезбедени затвори

Бразилскиот министер за правда Сергио Моро изјави дека водачите на затворските банди, кои се одговорни за смртта на 55 луѓе во неколку затвори во градот Манаус во северниот дел на земјата, ќе бидат префрлени во федерални затвори со максимална безбедност.

Бранот убиства до кој дојде претходно неделава, е последица од судири меѓу затворски банди, рече Моро за време на посетата на Португалија. Тоа е огромен безбедносен проблем во Бразил, земја со најголем број насилни смртни случаи во светот.

– Според информациите со кои располагаме, постои судир меѓу криминалните банди во затворите, што е нешто што може да се случи секаде во светот, но не би требало да се случува, рече Моро.

– Наша обврска е да се обидеме тоа да го ставиме под контрола. Водачите на бандите одговорни за она што се случи во Манаус ќе ги префрлиме во максимално обезбедени затвори, додаде тој.

Најмалку 40 затвореници беа пронајдени задавени во понеделникот во четири затвори во Манаус, откако во судири на завојувани банди еден ден претходно загинаа 15 лица.

Треба да знаете
Последни објави