Специјалното обвинителство на Република Косово и Специјалното обвинителство против корупцијата и организираниот криминал на Република Албанија потпишаа денеска договор за формирање заедничка истражна единица, јави дописникот на МИА од Приштина.
Договорот го потпишаа главниот обвинител на Специјалното обвинителство на Косово (СОРК), Блерим Исуфај, и шефот на Специјалното обвинителство на Албанија (СПАК), Алтин Думани.
Според соопштението на косовското Обвинителство, оваа единица ќе ја сочинуваат обвинители од двете надлежни обвинителства.
Целта на потпишувањето на договорот, како што се наведува, е остварување блиска соработка и координација на постапувањето на двете обвинителства во важни области од борбата против криминалот.
– Главниот обвинител на СОРК, Исуфај, и шефот на СПАК, Думани, го оценија потпишувањето на овој договор како мошне значајно, нагласувајќи дека ова е чекор кон подобрување на безбедноста и владеењето на правото во двете држави, како и кон градење на силно партнерство меѓу двете институции на правдата, се вели во соопштението.
Потписниците на договорот најавија блиска соработка во борбата против сите форми на криминал кои ги засегаат економските, финансиските и социјалните интереси на двете земји.



