Маричиќ: Да ги завршиме уставните измени, проширувањето на ЕУ е сè поизвесно, тврдењата за нови барања од Бугарија се пропаганда на опозицијата

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во изјава за „Ал Џезира“ рече дека тврдењата за нови барања од Бугарија се пропаганда на опозицијата и дека уставните измени се одлука која не е поврзана со нашиот идентитет и не задира во него.

– Ние со овие уставни измени правиме идентитетско разграничување меѓу Македонците и Бугарите коешто и до сега не било никако проблематично, за нас барем не било прашање. Но сега и официјално се става во Уставот и на тој начин ја отстрануваме единствената крупна блокадата од нашите соседи, рече Маричиќ.

Целта на Владата и главниот преговарач со ЕУ е до средината на декември кога се одржува Самитот на Европската Унија на која проширувањето е една од темите, уставните измени да бидат завршени и на тој начин Северна Македонија да продолжи заедно со Албанија во преговорите и да биде дел од новиот пакет на проширување, бидејќи како што изјави Маричиќ „сега немаме време за губење и треба да направиме сè за да не ја пропуштиме таа прилика, како што досега сме пропуштиле многу“, соопшти СЕП.

Треба да знаете
Последни објави