Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска изјави дека го отфрла убивањето или злоупотребата на цивили од двете страни во конфликтот на Израел со палестинскиот Хамас, бидејќи тоа ги нарушува моралот, религијата и меѓународното право.
„Го отфрламе насилството и се придржуваме до меѓународното право. Веруваме дека мирниот народен отпор и политичката акција се начин да ги постигнеме нашите национални цели“, рече Абас за време на состанокот со јорданскиот крал Абдула.
Бројот на загинати Палестинци во израелските воздушни напади врз Појасот Газа надмина 1.400, соопшти денеска Министерството за здравство во Газа. Како што е наведено, 1.417 Палестинци се убиени, а 6.238 ранети во израелските напади, кои започнаа во саботата по нападот на Хамас врз Израел.
Бројот на загинати во нападите на палестинската милитантна група Хамас врз Израел се искачи на 1.300, објавија претходно локалните власти. Повредени се околу 3.300 луѓе, од кои 28 се во критична состојба, а се уште не се знае судбината на околу 150 лица кои беа киднапирани и однесени во Појасот Газа.