ЕП: Властите на Црна Гора треба да го криминализираат нелегалното богатење

Европскиот парламент (ЕП) ги повикува црногорските власти да ги спроведат и усвојат неопходните мерки за зајакнување на независноста, интегритетот, ефикасноста, одговорноста и професионалноста на судството и да се борат против каква било форма на политичко мешање во судскиот систем, во согласност со принципите на владеењето на правото и демократските стандарди.

Ова се наведува во Предлог резолуцијата на Европскиот парламент за Црна Гора, за кој пратениците на ЕУ ќе расправаат утре попладне на седницата во Стразбур. Во предложената резолуција, ЕП наведува дека Црна Гора треба да го криминализира нелегалното збогатување.

„Се поздравува именувањето на тројца нови судии на Уставниот суд како чекор кон решавање на уставната криза и се повикува новиот парламент да го финализира именувањето на судиите како прашање од највисок приоритет, особено изборот на Врховен државен обвинител, како што беше предложен од Советот на обвинители во мај 2023 година, и тројца членови на Судскиот совет“, се нагласува во предложената резолуција, чиј автор е хрватскиот европратеник Тонино Пицула.

Дополнително, ЕП изразува жалење поради недостиг на напредок во реформата на изборната, правната и институционалната рамка, во која сè уште има празнини и нејаснотии кои ја поткопуваат неговата ефикасност и кои „треба да се решат“.

ЕП ја повикува Црна Гора да воспостави кредибилен и ефективен кривично-правен одговор на корупцијата и го забележува подобрувањето во спречувањето на корупцијата и позитивниот тренд во работата на Агенцијата за нејзино спречување.

„Ги повикува властите брзо да усвојат координирана национална стратегија за борба против корупцијата и организираниот криминал на високо ниво во согласност со препораките на Групата држави против корупција и стандардите на ЕУ и да поттикнат интегриран пристап за спречување и репресија на корупцијата. Ги повикува властите да го криминализираат незаконското збогатување“, се вели во предложената резолуција.

Треба да знаете
Последни објави