Макрон од Тирана ги повика Косово и Србија да се вратат на француско-германскиот план

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, на заедничката прес-конференцијата со премиерот Еди Рама во Тирана, одговарајќи на прашање за ставот на Париз за тензиите во северно Косово, истакна дека очекува од Приштина  реорганизација на изборите во северно Косово, учество на Србите на овие избори и признавање на Заедницата на српски општини“.

Според него токму Франција го суспендирала безвизниот режим за граѓаните на Косово, бидејќи според него косовските власти не го одржале дадениот збор.

– Со посебна внимателност ги следиме тензиите меѓу Приштина и Белград. Франција и Германија дадоа предлог што мислам дека е добар и очекуваме да биде испочитуван од двете страни. Сметам дека одговорноста на Вучиќ е да го осуди чинот од 24 септември. Она што го очекуваме од косовските и српските власти е едноставно, реорганизација на изборите на северот, учество на Србите на овие избори и признавање на ЗСО од страна на косовските власти. Очекувам Вучиќ да биде одговорен, истото го очекувам и од косовската претседателка Османи и премиерот Курти, наведе Макрон.

Тој додаде дека очекува двете страни да се обврзат да продолжат понатаму во следните недели.

– Тоа е услов за мир во целиот регион, посочил Макрон.

Премиерот Рама истакна дека го дели истиот став со францускиот претседател.

– Денес Косово влезе во замка што си ја направи, но никогаш не било подобро. Би било драматично доколку го загубеше конечно освоеното право слободно да се движи во ЕУ. Драматично. Двете страни имаат план, а тоа е француско-германскиот план, што е најдоброто нешто што може да му се случи на Косово. Најдоброто можно, нагласил Рама.

И албанскиот претседател Бајрам Бегај на средбата со Макрон ја нагласи неопходноста од враќање на дијалогот и надминување на недоразбирањата преку француско-германскиот план, при тоа нагласувајќи ја потребата од понатамошна поддршка на овој дијалог, но и „потребата да се казнуваат и обесхрабруваат актите на насилство и провокации во општините на северно Косово“.

– Косово е суверена и независна земја, а терористичките акти како онаа на Бањска во Звечан (24 септември) се за осуда и се неприфатливи за неговата безбедност, но и за регионот и за целиот европски континент, оценил Бегај. 

Треба да знаете
Последни објави