Две воени бази во Ирак каде се стационирани американски војници вчера биле нападнати со дронови и ракети, објави Ројтерс, повикувајќи се на свои извори и претставници на властите, пренесе БТА.
Тоа беше последен во серијата напади по предупредувањето на ирачките паравоени групи против Вашингтон да не се на страната на Израел во војната против палестинското исламистичко движење Хамас во Појасот Газа.
Ракети и беспилотни летала беа истрелани врз воздухопловната база Аин ал Асад во западен Ирак, во која се сместени американски и други странски војници. Во базата се слушнале неколку експлозии.
Ирачките сили соопштија дека ја опколиле областа околу базата и го истражуваат нападот. Засега не е јасно дали во нападот има повредени или материјална штета.
Ракети погодиле и друга воена база каде што се стационирани американски војници во близина на меѓународниот аеродром во Багдад, соопшти вчера ирачката полиција, без да даде детали.
-Американски функционер, кој сакаше да остане анонимен, изјави за Ројтерс дека врз американските сили на аеродромот биле истрелани две ракети. Едната била пресретната, а другата погодила празен магацин, нема повредени, објаснил американскиот извор, пренесе БТА.
Во средата имаше и напади врз американски војници во Ирак, кога беа извршени два одвоени напади со беспилотни летала, од кои во едниот полесно беа повредени неколку припадници на војската.
САД имаат 2.500 војници во Ирак.