Пендаровски: Советот за безбедност ќе биде свикан поради безбедносните состојби во регионот и на Блискиот Исток

Претседателот Стево Пендаровски во вчерашното интервју за „Клик плус” на ТВ 21, најави дека во наредните седум до десет дена ќе биде свикан Советот за безбедност на чиј дневен ред ќе бидат состојбите на северот на Косово, војната во Украина и последните случувања на Блискиот Исток, конфликтот Хамас – Израел.

„Некои викаат тоа е далеку од нас, меѓутоа ние за жал имаме од сириската војна наваму, луѓе кои се платеници и се борат на една, или на друга страна, а се наши државјани и треба да видиме што со нив, кога утре, задутре ќе се вратат во државава. Колку се покриени од нашите служби и колку се покриени, да ги видиме информациите од нашите партнери”, изјави претседателот во интервјуто.

Тој додаде дека наша поволна околност е што сме членки на НАТО и редовно ги добиваме брифинзите од таму и знаеме како од прилика ќе се развива состојбата во однос на конфликтот Хамас – Израел,  иако во првата фаза не е лесно да се прогнозира. „Меѓутоа Советот за безбедност секако ќе биде свикан, не само за последниот развој на настани на Блискиот Исток, туку и за случувањата на северот на Косово и војната во Украина”,  изјави претседателот.

Во тој контекст претседателот најави дека нашата држава во наредните недели, по барање на НАТО ќе го зголеми и својот контингент на Косово.

„Досега на Косово имаше околу 4.500 војници, треба да има околу 5000, и секоја држава во рамки на своите можности го засилува својот контингент. Тоа не тајна. Ние имаме 64 војници во моментов таму, сакаме да однесеме уште 25, 26 во еден од секторите, тие ги нарекуваат зони на одговорност на Косово”, изјави претседателот Пендаровски.

Запрашан на што се должи високата доверба на Армијата кај јавноста, претседателот Пендаровски изјави дека Армијата долги години наназад ужива висока почит кај граѓаните, независно од етничката нивна припадност и тоа се должи веројатно на имиџот кој македонската Армија го изгради од 1992 – та година до денес. Тој посочи дека македонската Армија не се крие во касарните, туку напротив во било која ситуација и непогода, секогаш е со народот и така треба да остане.

Во вчерашното интервју за „Клик плус” на ТВ 21 запрашан да го коментира покачувањето на платите на носителите на функции за 78 %, претседателот Стево Пендаровски истакна дека тој е првиот државен функционер кој прв побара корекција на покачувањето на платите и намалување на коефициентот.

Претседателот Пендаровски истакна дека час поскоро е потребно Владата да предложи законско решение со кое ќе се изврши намалување на висината на платите на функционерите. Дополнително тој истакна дека е потребно и опозицијата да поддржи решение за намалување на функционерските плати. 

Треба да знаете
Последни објави