Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и евроамбасадорот Дејвид Гир, вчера присуствуваа и се обратија на свеченото отворање на комплетно реконструираниот простор на централниот двор – пацио – во Национална установа Завод и музеј – Битола.
Во своето обраќање, Костадиновска-Стојчевска истакна дека ѝ претставува особена чест што во овој репрезентативен архитектонски објект познат како „Стара касарна”, а денес Национална установа Завод и музеј – Битола, уште еднаш се потврдува културното партнерство со Европската Унија преку соработката за унапредување на потенцијалите на заштитените културни добра.
„Пред битолчани со гордост можам да истакнам дека Министерството за култура и Заводот и музеј – Битола, со грантот од ИПА-програмата, ја спроведоа реконструкцијата на централниот двор – пацио – на Музејот како една од многубројните активности во рамките на проектот „Смарт фор ју ту” (SMART4YOU2). Проектот за промоција на богатото културно наследство чија цел е да ги афирмира и да ги почитува културните вредности што ги поседува регионот со прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, а тоа ќе придонесе и за развој на туристичките потенцијали меѓу општините Битола, Корча и Пустец”, подвлече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека лапидариумот, кој се наоѓа во пациото на Заводот и музеј – Битола, претставува уште еден нов изложбен простор во кој посетителите за првпат може да видат дел од мермерните споменици кои досега се наоѓале во музејските депоа од кои најголемиот дел датираат меѓу I и III век од нашата ера, како и надгробни стели.
„Во овој облагороден простор, кој сега е претворен во лапидариум, изложени се петнаесетина споменици кои биле откриени во различни временски периоди и на различни локалитети во Битола и Битолско. Верувам дека како светол одблесок на оваа успешна приказна, тие ќе побудат импресии и силни впечатоци кај сите влубеници во уметноста”, рече таа.
Министерката за култура изрази задоволство што Заводот и музеј Битола е една од институциите во државава што има најголема искористеност на европските фондови во доменот на своето културно дејствување. Таа изрази уверување дека и во иднина, во рамките на Годишната програма на Министерството за култура и со помош на европските фондови, ќе продолжиме да го следиме позитивниот имиџ на негување на европските културни вредности со цел постигнување подобри ефекти во културата и во уметноста.
Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност до евроамбасадорот Дејвид Гир за неговите залагања во полн сјај да се разубави автентичниот изглед на овој извонредно значаен културен архитектонски објект.
„Благодарни сме што Европската Унија поддржува многу иницијативи и проекти за заштита на македонското културно наследство, за размена на знаења меѓу експертите и младите студенти идни конзерватори за чување на македонската уметност и традиција, како и за подобрување на квалитетот на туристичката понуда. Убедена сум дека од реализацијата на овој и на идните проекти ќе произлезе нова енергија за уште поголемо пријателство, добрососедство, на она што нè зближува и нè води кон заедничкиот европски дом”, подвлече министерката за култура.