Последниот тренинг пред големото финале во Лига Европа мина доста неславно за Челси, бидејќи во прв план се најде револтот на Маурицио Сари непосредно откако Гонзало Игуаин и Давид Луиз имаа расправија на тренингот поради еден пожесток старт.
Препирката на двајцата резултираше со беснеење на италијанскиот стручњак кој ја фрли капата и почна да ја шутира додека одеше кон тунелот, а иако логично објаснување е дека беше лут на односот на своите двајца играчи пред големото финале, Челси излезе со едно неочекувано и помалку бизарно образложение.
Наводно, Сари бил лут поради тоа што претставниците на УЕФА им дозволиле на новинарите предолго да останат во близина на теренот, па така не можел да работи на прекините од корнер и аути.