Две третини од акциите на пристаништето во грчкиот град Игуменица продадени на италијанска компанија

Со потпишување на договор денеска заврши процесот на продажба и пренос на 67 отсто од акциите на пристаништето во грчкиот град Игуменица на италијанска компанија, договор во вредност од 84,17 милиони евра, за кој грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис истакна дека ќе донесе поголем раст како за националната, така и за локалната економија, јави дописничката на МИА од Атина. 

Според информациите од грчката Влада, договорот има за цел да го надгради пристаништето, што е третото по големина во Грција и подобро да го искористи потенцијалот.

Сопственоста на целата инфраструктура на пристаништето Игуменица останува на државата, бидејќи продажбата се однесува само на акциите на организацијата за управување, во која државата останува стратешки партнер на приватниот инвеститор, одржувајќи удел од 33 проценти, а како дел од договорот, Грција годишно ќе добива концесиски надоместок еднаков на 3,5 отсто од приходите.

На денешната церемонија на потпишување на договорот, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека „Грција веќе станува важен партнер во стратешките договори и поле на големи меѓународни инвестиции, но и магнет за прекуграничен капитал, што се преведува во колективен просперитет“.

Треба да знаете
Последни објави