Советот на јавни обвинители на денешната 86-та седница ги разгледа
годишните извештаи за работата на јавните обвинителства од подрачјето на Вишите јавни обвинителства Битола и Гостивар.
Претседателите на Вишото обвинителство Битола Пецо Везироски и на Вишото Гостивар Фаик Арслани, при презентирањето на извештаите посочија дека сите обвинителства се соочуваат со нецелосна екипираност и работат со помалку од предвидениот број јавни обвинители.
Везироски, кој го презентираше извештајот за работата на обвинителствата на територијата на ВЈО Битола, укажа дека има проблем со екипираноста во Вишото Битола, каде има тројца јавни обвинители, од кои тој како претседател, а дополнително еден во јуни следната година ќе замине во пензија.
Тој посочи дека проблем е и од каде да се црпи, зошто и во основните има недостиг.
– Само пример, прилепското и охридското од по 8 се останати по тројца обвинители. Во Охрид беше разрешен еден обвинител, што ни остави 500 нерешени предмети. Битолското, иако горе доле е екипирано, ќе се јави проблем во иднина. Единствено целосно комплетирано по систематизација Струга. Основното јавно обвинителство Ресен, колегата си оди за неколку месеци во пензија и ќе остане без ниту еден, рече Везироски.
Од вкупно 3 821 примени нови пријави во 2022 година, најголем дел се во ОЈО Битола 1 209, ОЈО Прилеп 1 015, ОЈО Охрид 807, ОЈО Струга 545 и ОЈО Ресен 146. На крајот од годината решени се 61 процент од примените пријави.
Во 2022 година на ниво на подрачјето на Вишо јавно обвинителство Битола имало вкупно 2 029 испитани сведоци, 1 047 наредби за вештачења, 122 наредби за претрес, 164 наредби за одземање предмети, 40 увиди и 19 препознавања.
На ниво на Вишо ЈО Битола од вкупниот број кривични пријави во 2022 година отфрлени се 1 503 или 40 проценти, а само 5,3 отсто се наредби за истраги. Само 0,8 процент се решени со предлог спогодби.
– Ниту еднаш не е изречена конфискација на имот, претежно се оди со надомест на штета. Не знам каков е трендот во другите, но кај нас ова загрижува. Ќе треба да се работи на тоа, не знам зошто обвинителите не предлагаат и бараат, треба повеќе во секој случај, изјави Везироски.
Бројот на решени предмети со предлог спогодба 2022 година, иако е мал, е зголемување го однос на претходната 2021 година.
Советот, укажа на големиот број запрени истражни постапки за ОЈО Струга и ОЈО Охрид и дека е потребни да се направи анализа зошто е тоа така.
Советот, со некои технички забелешки, позитивно го оцени годишниот извештај за работата на јавните обвинителства од подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола.
Претседателот на Вишото ЈО Гостивар Фаик Арслани, посочи дека иако недоволни стручна и кадровски екипираност ажурно ги извршувале работите. Арслани посочи дека Вишото Гостивар работи со 4 од вкупно 7 обвинители, додека во ОЈО
Тетово од 10 предвидени со 2, а во ОЈО Гостивар од 9 предвидени, со 5 јавни обвинители. ОЈО Кичево од предвидени 5, има 2 јавни обвинители.
На ниво на Вишото ЈО Гостивар во 2022 година имало новопримени пријави против 3 398 полнолетни лица, што споредено со претходната 2021 има намалување од 5 проценти.
Од вкупно решени пријави на ниво на цело подрачје на Вишо Гостивар имало 1 080 отфрлени пријави или 36 проценти. Казнени налози биле издадени против 983 лица. Биле издадени наредби за спроведување истрага против вкупно 193 лица. Со предлог спогодба решени се 31.
На ниво на сите обвинителства од територијата на Вишо Гостивар донесена е одлука за обвинение за 185 лица, додека за 26 лица е одлучено со запирање на истрагата.
Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, посочи дека ќе го поддржи извештајот, со тоа што укажа дека во понатамошниот период ќе треба да се посвети повеќе внимание и да се подобри бројот на решени пријави, за тоа што рече дека според нивните бројки е само 44 проценти.
Членовите на Советот, укажаа и на тоа дека треба да се направи анализа и на постигнатите предлог спогодби, особено за оние, како тешки разбојништва, напади или обиди за убиства завршиле со условни осуди.
Советот позитивно го оцени годишниот извештај за работата на јавните обвинителства од подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар.
Советот на денешната седница, иако требаше да ја разгледа предлог измена на Етичкиот кодекс на јавните обвинители, таа беше одложена, за, како што беше посочено, техничко допрецизирање на текстот.
Претседателката на Советот Душица Димитриеска, посочи дека до Советот пристигнала информација од МВР – Биро за јавна безбедност, за вкупно 11 отфрлени пријави за исто кривично дело – вршење јавен превоз без лиценца.
Советот одлучи по оваа информација да се побара од Јавното обвинителство при контролите да се направи увид за да се види зошто се отфрлени.