Иванова – Цовилис: Да се интензивира соработката со ПССЕ и со Мрежата на Европскиот центар за парламентарни истражувања

Во рамки на Конференцијата за меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан, во Собранието на Северна Македонија се одржа средба меѓу генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова и генералната секретарка на Параламентарното собрание на Советот на Европа, Деспина Хаџивасилиу-Цовилис.

На средбата, како што соопшти собраниската прес – служба, станало збор за активностите на Собранието за зајакнување на парламентарната демократија.

Генералната секретарка Иванова посочила дека Собранието во изминатите шест години прави исклучителни напори за демократизација, и на демократските алатки, и на градење на капацитетите и ресурсите со цел државата да стане парламентарна модерна демократија.

Иванова нагласила дека актуелното раководство овозможило функционална независна собраниска служба и дека во моментот се работи на осамостојување на собраниското обезбедување. Таа потенцирала дека во Собранието во изминатиот период е спроведен процес на дигитализација и дека се очекува отпочнување со работа на новиот Собраниски канал којшто ќе ја доближи работата на законодавниот дом до граѓаните.

-Собранието работи и на подобрување на собраниските процедури. Се очекува донесување на нов собраниски деловник, бидејќи стариот имаше правни празнини, со што се овозможуваше блокирање на парламентот. Пред пет години го отпочнавме процесот Жан Моне и она што сега со задоволство можам да го констатирам е дека процесот е во завршна фаза. Деловникот го носиме инклузивно, со широка консултација и со учество на сите заинтересирани страни, со пратеници и од власта и од опозицијата. Сега Деловникот е во второ читање и очекувам дека за една или две недели ќе донесеме нов деловник со кој Собранието ќе работи поефикасно, бидејќи ќе нема пречки за идна блокада на Парламентот, истакнала Иванова, потенцирајќи ги учеството и улогата на Собранието во скрининг-процесот.

За соработката со ПССЕ и со Мрежата на Европскиот центар за парламентарни истражувања, Иванова нагласила дека соработката треба да се интензивира.

Генералната секретарка на ПССЕ, Деспина Хаџивасилиу-Цовилис, потенцирала дека за прв пат е во земјава, но дека секогаш земјите од Западен Балкан се приоритет.

Таа истакнала дека прашањето за унапредување на човечките ресурси е секогаш голем предизвик и дека жените може успешно да менаџираат со работата на секое поле.

На темата дигитализација, нагласила дека би било добро службите на ПССЕ и на Македонското собрание да разменат искуства, сѐ со цел подобрување на онлајн услугите.

На средбата, како што информира собраниската прес-служба, била отворена и темата за сексуалното насилство врз жените. Двете соговорнички се согласиле дека токму жените имаат голема одговорност во однос на ова прашање. 

Треба да знаете
Последни објави