Синоќа во домот за азиланти Вич во Љубљана се одвивала вистинска драма. Околу 23 часот маж влегол во домот и наводно се заканил дека ќе се разнесе извикувајќи „Алах е голем“, а во автомобилот го чекал друг маж, јавува 24ур и додава дека станува збор за радикализиран словенечки државјанин, пренесе Јутарњи лист.
Набрзо на местото на настанот пристигнала и специјалната полиција која го привела.
Н1 јавува дека полицијата соопштила дека кај мажот не нашла оружје или опасни предмети, а со него во автомобилот имало уште еден маж во алкохолизирана состојба. Против него се води истрага поради сомнение за сторено кривично дело шпионажа и поддршка на терористички дејствија.
Од полицијата додаваат дека од радиото во автомобилот се слушнала гласна молитва.
Полицајците побарале од мажите да излезат од возилото, но тие не ги послушале. Тогаш интервенирал преговарачот и специјалната полиција. Вториот човек од автомобилот потоа излегол од него и се сокрил во објектот, каде што бил приведен.
На осомничениот (35) еднаш му е судено за прекршок со елемент на насилство, јавува Н1. Вториот сопатник во автомобилот бил 37-годишен Мароканец. Тој бил во алкохолизирана состојба, а наводно случајно му се придружил на Словенецот во автомобилот.
За потсетување, Словенија од саботата воведува контроли на границата со Хрватска и Унгарија поради закана од тероризам.
Оваа недела словенечката влада привремено го подигна нивото за терористичка закана од низок на среден поради актуелната ситуација на Блискиот Исток.