Ева Заева: Иднината на секој поединец се заснова во стремежот кон стекнување нови знаења и постигнување успеси

Ја имам честа и задоволството срдечно да ве поздравам од мое име и од името на Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“, задоволството е уште поголемо што сум во друштво на успешни и наградувани ученици, кои на овој свечен настан ќе ги добијат сертификатите за стипендиите од Општина Струмица и Фондацијата „Заев-Едно општество за сите“,а им следуваат секој месец во оваа тековна учебна година, порача Ева Заева при денешното доделување на стипендии на 68 ученици во основно и средно образование во Струмица.

„Јас сум млада личност, па се уште носам свежи сеќавањата од убавите години поминати во основното и средното училиште во кои учев. Знам многу добро што значеше за нас учениците кога добивавме пофалби за постигнати успеси, и колку тоа ни даваше дополнителен мотив да продолжиме понатаму со истото темпо, стремејќи се кон нови поголеми успеси. Иднината на нашата заедница, иднината на нашето општество, но и иднината на секој поединец се засновува токму во стремежот кон стекнување нови знаења и постигнување успеси во текот на образованието, па и потоа. Ние младите можеме многу. Вашата самодоверба ќе ви каже дека навистина е така. Токму затоа, драги ученици, вие ги заслужувате сите честитки за она што досега сте го постигнале, како што ги заслужувате и стипендиите кои ви ги доделуваме. 

Оние кои ги следат активностите на нашата фондација, знаат дека голем дел од досегашните активности за поддршка беа насочени токму кон учениците и младите луѓе. Така беше досега, така ќе продолжиме и во иднина. За среќа, не сме осамени во таа наша мисија. На иста „бранова должина“ се најдовме со Општина Струмица, со која споделуваме исти вредности, која на чело со градоначалникот Костадинов има грижлив однос кон развојот на учениците и младите, па токму затоа се приклучивме во стипендирањето на успешните основци средношколци. 

Му благодариме на градоначалникот Костадинов за успешната соработка, со надеж дека таа ќе продолжи и во наредниот период. Им благодариме и на нашите партнери – низата општествено-одговорни компании кои со несебичен влог ја помаагаат нашата фондација во сите ангажмани кои ги спроведува.

А вам драги ученици, Ви честитам на досегашните успеси и на заслужените стипендии, со надеж дека успешната приказна ќе ја испишувате и во иднина, со желба вашиот пример да го следат и останатите ваши врсници и соученици“ порача Заева.

Треба да знаете
Последни објави