Во интервјуто за емисијата „Трилинг”, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на прашањето дали измените на Кривичниот законик, како и Законот за амнестија се во насока да се обезбеди потребната поддршка за неопходните уставни промени, појасни дека имајќи ги предвид ефектите од законските решенија, не може да стане збор за никаква поврзаност со некаква си дополнителна поддршка во однос на уставните измени. Тој нагласи дека нашиот пат кон Европската унија е стратешка цел и национален интерес на државата, а остварувањето на националниот интерес не треба да се поврзува со ништо.
„Ние треба да бидеме длабоко свесни и политички одговорни како политичари, како политички структури и партии, што е интересот на државата и каде треба да ја гледаме иднината на државата и на граѓаните и на основа на тоа да ги носиме политичките одлуки. Така да, сето друго е споредно во однос на нашата стратешка цел, а тоа е членството во Европската унија”, рече беше Спасовски.
На прашањето, пак, дали ни е потребна Влада на национално единство во која ќе партиципираат клучните партии, особено во периодот кога треба да се донесат одлуки за клучните и стратешки прашања кои се приоритетни за државата, како што се членството во ЕУ, решавањето на прашањето со Бугарија, министерот Спасовски истакна дека за Република Северна Македонија е потребно да нема разединување во однос на остварувањето на стратешките национални интереси кај политичките субјекти во државата.
„Само во таа функција сите заедно треба да настапуваме, без притоа да има било какви поделби, бидејќи за стратешка цел – каква што беше НАТО, како што е ЕУ – тука нема место во коешто можеме да дебатираме, како за одредени идеолошки прашања. Сакам овие поделби да ги одвојам една од друга. Има многу прашања на кои можеме да имаме и имаме различни мислења, видувања и ставови, меѓутоа за националните интереси политичките партии треба да бидат сериозно на едно исто рамниште, на исто ниво на одговорност кога станува збор за државата. Дали и како ќе биде компонирана следната Влада, тоа ќе зависи секако од изборите, од одржувањето на изборите… Така што сметам дека за тоа ќе треба дополнително да се разговара, меѓутоа сум убеден дека околу националните интереси не треба да има поделби и некакви разговори кои што место да нѐ приближуваат ќе нѐ оддалечуваат од таа стратешка цел”, рече министерот Спасовски.
Околу прашањето во однос на шансите во наредните недели да се изгласаат уставните промени, Спасовски со објаснување дека во ниту еден момент не треба да застане процесот, туку напротив, треба да се прават напори тој процес да успее.
„Тоа е добро за државата, за иднината, за граѓаните, затоа што час поскоро ако се заврши тој дел ние ќе можеме да продолжиме во континуитет со европските интеграции и практично низ процесот на преговорите да ги донесеме тие европски вредности и во државата, во нашите институции – тоа е крајната цел. Имајќи предвид дека огромното мнозинство на граѓаните посакуваат да бидеме дел од Евроопската унија, треба да се прават сериозни напори да продолжат напред со разговори политичките субјекти во секој поглед за да дојдеме до решение”, истакна Спасовски.