Сунак: Велика Британија испраќа 24 милиони долари за помош на цивилите во Газа

Британскиот премиер Риши Сунак денеска изјави дека Велика Британија ќе испрати дополнителни 24 милиони долари за помош на цивилите во Појасот Газа по конфликтот меѓу палестинската милитантна група Хамас и Израел.

„Потребен е постојан проток на помош, очајно се потребни вода, храна, лекови и гориво“, изјави Сунак пред британскиот парламент, пренесува Би-би-си.

Тој додаде дека ова е момент за големо внимание и претпазливост, но и за „морална јасност“.

„Надежта во човештвото мора да победи против тероризмот“, рече Сунак.

Тој ја спореди војната во Газа со војната во Украина, велејќи дека „Путин ќе пропадне како и Хамас“.

Британскиот премиер нагласи дека не постои сценарио во кое на Хамас ќе му биде дозволено да го контролира Појасот Газа.

За време на говорот во парламентот, Сунак рече дека експлозијата во болницата Ал Ахли во Појасот Газа најверојатно била предизвикана од ракета истрелана од областа.

„Британската влада проценува дека експлозијата најверојатно била предизвикана од ракета, или дел од ракета, лансирана од Газа кон Израел“, изјави Сунак пред британскиот парламент.

Наодите на британските разузнавачки служби се совпаѓаат со заклучоците на Соединетите Американски Држави, Франција и Канада.

Треба да знаете
Последни објави