„Подобрувањето на условите за водење бизнис преку олеснување и забрзување на трговијата е еден од најголемите приоритети на Царинската управа. Целта е зголемување на конкурентноста на македонската економија и извоз со поголема додадена вредност, што крајно ќе овозможи подобрување на стандардот на граѓаните. Извозот на американската компанија Амфенол е во континуиран пораст. Во 2021 година извозот е 7 милијарди денари, во 2022 година 8,8 милијарди денари, а годинава за неполни 10 месеци компанијата остварила извоз од 7,8 милијарди денари. Нашите заложби се создавање услови за поголеми инвестиции преку зголемување на ефикасноста на Царината”, истакна директорот на Царинска управа, Стефан Богоев во разговор со генералниот директор на „Амфенол Технолоџи Македонија” на прославата на 10 години од нивното постоење во Република Северна Македонија.
Во рамки на денешниот настан на директорот Богоев му беше врачена и плакета за успешна соработка со Царинската управа.
Директорот Богоев истакна дека компаниите веќе ги чувствуваат бенефитите од ефикасноста на Царинската управа преку континуираното спроведување на мерки и активности за ефикасна трговска политика.
„Свесни за улогата која ја имаме, Царинската управа и понатаму како сервис за стопанството ќе води ефикасна трговска политика, којашто ќе им овозможи на компаниите да ја подобрат својата конкурентност на меѓународниот пазар. Ефектите од ваквите политики ќе ги почувствуваат и компаниите и граѓаните”, рече Богоев.
Во 2022 година состојбата на странските директни инвестиции од САД изнесува 153,1 милиони долари што е за околу 24 проценти повеќе од 2021 година и за 48 проценти повеќе од 2020 година.