Вучиќ: Со Курти за два до три дена повторно одиме во Брисел

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека очекува за два до три дена повторно да оди во Брисел на разговори со косовскиот премиер, Албин Курти, но дека засега не може да зборува за тоа бидејќи така било договорено, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ одговарајќи на новинарско прашање во Лесковац дали ќе има реакција на говорот на премиерката Ана Брнабиќ на седницата на Советот за безбедност на ОН и дали очекува продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, рече дека Србија не може ништо да промени освен да се бори и да ја кажува вистината.

-Премиерката Брнабиќ добро ја заврши работата (во ОН) и добро реагираше, многу добрo реплицираше, но дали тоа ќе го смени ставот на големите сили, не, нема. Да бев аналитичар, ќе можев да ги коментирам позициите на големите сили што можевте да ги слушнете. Бидејќи не сум, не можам да го сторам тоа, бидејќи со моите ставови само би и наштетил на државата, но некаде забележлив балансираност, а некаде силна остраственост против интересите на Србија, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека во следните два до три дена очекува да оди во Брисел со Курти, но дека не може да зборува за агендата што е во согласност со она што го разговарал со „големата петорка“ и дека не може да зборува за тоа, бидејќи таков е договорот.

-После тоа ќе имаме повеќе информации. Наша задача е да ја заштитиме Србија од сите можни мерки и уривањето на државните и националните интереси и верувам дека во тоа ќе успееме, рече Вучиќ. 

Треба да знаете
Последни објави