Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел изјави дека договорот меѓу лидерите на Србија и Косово не бил можен поради предусловите на секоја страна, кои за другата биле неприфатливи, јави дописникот на МИА од Белград.
По вчерашните одвоени разговори меѓу лидерите на ЕУ, Франција, Германија и Италија со премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ во Брисел, Борел изјави дека „сите заедно презентирале нов европски сериозен и избалансиран предлог“ за формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) и инсистирале страните да ја искористат таа можност, бидејќи тоа би било „голем скок напред“ во процесот на нормализирање на односите.
-За жал, страните не беа подготвени да се договорат за ова. Предусловите на секоја страна за другата беа неприфатливи, изјави Борел пред новинарите доцна синоќа.
Борел додаде дека водачите на ЕУ бараат од двете страни „искрено да се ангажираат“ во процесот на нормализирање на односите.
-Ова може да се направи само во рамките на дијалогот, бидејќи тоа е единствениот начин да се напредува на европскиот пат. Ќе продолжиме да инсистираме и да работиме на постигнување договор, рече Борел.
Тој исто така рече дека лидерите на ЕУ, Франција, Германија и Италија „се многу загрижени поради ќорсокакот во процесот на нормализација меѓу Косово и Србија и неодамнешните терористички напади (во селото Бањска), кои повторно ги осудија за време на вчерашната разговори.
Владата на Косово синоќа соопшти дека Курти на средбите повторил дека е подготвен да го потпише Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија, договорен во февруари во Брисел, но дека Вучиќ не сакал да го стори тоа.
-Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одби да го потпише договорот со Косово и побара да се прифати придружното писмо, со кое практично се укинуваат трите принципи на Договорот, неговиот анекс за имплементација, како и предлогот (за ЗСО) предложен од петте претставници на западните земји на 21 октомври, соопшти Владата на Косово.
Вучиќ синоќа изјави дека предлогот што „големата петорка“ го донесе во Белград и Приштина на 21 октомври е „добра основа“ за продолжување на работата и формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО).
-Тој предлог се однесува исклучиво на формирањето на ЗСО, но не можам да зборувам за детали, рековме дека тој предлог е многу добра основа и дека сме подготвени да работиме и веднаш да почнеме да го спроведуваме, заедно со оградувањето, што и денеска го претставив на лидерите на трите најмоќни земји, а тоа е дека не можеме да прифатиме членство на Косово во ОН и прифаќање на независноста на Косово, рече Вучиќ.