Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, во рамки на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, финансиран од Европската Унија, објави оглас за практикантство во компании. Агенцијата ги повикува работодавачите и евидентираните невработени лица да се пријават во работните клубови на центрите за вработување на АВРСМ. Огласот е достапен на следниот линк: https://av.gov.mk/oglasi-za-aktivni-merki.nspx
„Правото за учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја поодделна мерка за вработување, основните принципи кои треба да се почитуваат при имплементација на програмите и мерките за вработување, како и услугите за активација и вклучување на пазарот на трудот – принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор и поттикнувањето на рамномерен регионален развој“, стои во огласот за практикантство.
Како што објаснува Наташа Здравковска, проектен координатор, мерката нуди можност за работодавачите, кои ги исполнуваат условите за право на учество, да изберат практикант за период од три месеци, кој финансиски ќе биде поддржан со 11.000,00 денари месечно, бруто износ со вклучено осигурување за инвалидност, повреда на работа и данок на личен доход. Практикантот може преку мерката да биде ангажиран до три месеци.
Исто така, Здравковска наведува дека е потребно евиденираните невработени лица кои сакаат да се пријават, да бидат на возраст до 29 години, со минимум завршено средно образование, и да немаат работно искуство согласно образованието, но се заинтересирани за Практиканство заради стекнување одредени практични знаења и вештини.
Заинтересираните евидентирани невработени лица и работодавачите можат да аплицираат до 10.11.2023 година или до исполнување на предвидениот опфат.
Детални информации за практиканството може да се добијат во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, контакт телефонот 02-3111-850 и веб страната www.av.gov.mk, како и во ИПА канцеларијата на ipa@avrm.gov.mk.