Централната банка на Русија денеска ја зголеми основната каматна стапка по четврти пат за половина година, во обид да ја заузда инфлацијата. Банката ја зголеми стапката на 15 проценти – за дури 200 базични поени.
Каматната стапка во првата половина од годинава изнесува 7,5 отсто.
„Сегашните инфлациски притисоци значително ги надминаа очекувањата на Банката на Русија“, се вели во соопштението.
Како што е најавено, растот на цените во третиот квартал од годинава надмина 12 отсто на годишна основа, а годишната стапка на инфлација се очекува да биде околу седум отсто.
Банката соопшти дека очекува инфлацијата да падне на околу четири проценти во 2024 година. Зголемувањето на каматните стапки има за цел да ја спречи инфлацијата преку зголемување на трошоците за задолжување и поттикнување на штедењето.
„Постојаниот раст на домашната побарувачка сè повеќе ги надминува можностите за зајакнување на производството на стоки и давање услуги. Инфлаторните очекувања се сè уште покачени. Стапката на раст на кредитирањето е постојано висока“, соопштуваат од банката.
Санкциите воведени поради руските воени операции во Украина и зголемените воени трошоци се одразија на руската економија, особено на вредноста на рубљата, која оваа година падна за околу 25 отсто во однос на американскиот долар.