Петмина Палестинци се убиени денеска во напади на израелската војска на Западниот Брег, соопшти Министерството за здравство на Палестинската управа и израелската армија.
Четворица Палестинци загинаа, а девет се ранети утринава од израелски оган за време на рација во Џенин, на северот на Западниот Брег.
Повеќе од 100 воени возила и два булдожера беа вклучени во нападот во Џенин и истоимениот бегалски камп, упориште на вооружени групи и честа цел на израелски воени напади, јави палестинската новинска агенција Вафа.
За време на рацијата над Џенин летаа воени беспилотни летала, а во зградите околу главната болница во Џенин беа поставени снајперисти.
Дел од ѕидот околу болницата е урнат со воените булдожери, јавила Вафа.
Израелската армија соопшти дека пронашла „експлозивни направи подготвени за употреба“ и возило полно со воено оружје и муниција.
Во соопштението се додава дека меѓу убиените е и висок функционер на Исламски џихад.
Петтиот Палестинец е убиен од израелски оган на влезот во Јату, на југот од западниот брег.
Западниот брег, што е окупиран од Израел од 1967 година, често пати е цел на напади на израелски воени напади, напади на еврејските доселеници врз Палестинците и палестински напади врз еврејските населби и израелските сили. Насилствата се интензивираа од почетокот на војната меѓу Израел и палестински Хамас во Појасот Газа, предизвикана од крвавите напади на екстремистите на исламската организација на 7 октомври врз јужниот дел на Израел.