Палестинската милитантна група Хамас денеска ги повика Обединетите нации да ги преземат неопходните мерки за да го одвратат Израел од „фашистичките злосторства“, додавајќи дека израелските сили продолжуваат да ги таргетираат болниците во Појасот Газа.
-Ги повикуваме ОН и релевантните меѓународни организации да ги преземат неопходните мерки за да го одвратат окупаторот од фашистичките злосторства и да работат на обезбедување на потребите на сите болници во однос на лекови, медицински материјали и гориво со цел да се санира катастрофалната ситуација што го снајде здравствениот сектор поради агресијата и варварството на ционистичкиот окупатор, се наведува во соопштението.
Израелски авиони вечерва бомбардираа мотоцикл и возило во близина на болницата Ал Џазури во населбата Ал-Амал при што загинаа пет лица, а 15 се повредени.
Директорот на болницата за турско-палестинско пријателство во Газа, Суби Скаик, објави дека израелски воени авиони вечерва повторно ја нападнале болницата, откако синоќа во воздушни напади ја бомбардирале околината.
Тој наведе дека на здравствената установа е причинета голема штета, вклучително и дефект на некои електромеханички системи и посочи дека се загрозени животите на голем број медицински лица, пациенти и повредени, како и илјадници луѓе кои побарале засолниште таму.