Централниот дел на Италија беше зафатен од невреме со пороен дожд и силен ветер, а на некои места и град.
Црвено предупредување за бура е на сила во регионот Емилија-Ромања поради невреме, а портокалово во Тоскана, Венето, Лигурија и регионот Фриули-Венеција Џулија.
Во Џенова свлечиште затрупа дел од станбена зграда и паркиран автомобил.
Училиштата беа затворени на неколку места во Тоскана, вклучувајќи го и пристанишниот град Ливорно.
Италијанската агенција Анса објави дека во овој регион се очекува значителен пораст на реките.
Агенцијата за животна средина на Словенија денеска издаде предупредување поради врнежите и силните налети на ветер. Особено обилни врнежи се очекуваат во поширокото подрачје на Јулијанските Алпи и нивните подножја, јавува РТВ Словенија.
Најзагрозените жители на Коритница веќе почнаа превентивно да ги напуштаат своите домови поради прогнозата дека водотеците би можеле повторно да надојдат во наредните денови.
Геолошкиот завод на Словенија предупреди дека постои зголемен ризик од создавање нови и повторно активирање одрони.
Зголемената веројатност за свлечиште се однесува главно на северозападна Словенија и ќе се зголемува пропорционално на количината на врнежи.
И Хрватскиот метеоролошки завод издаде портокалово предупредување поради силниот ветер долж крајбрежјето, а жолто предупредување за внатрешноста на земјата.
За вторник се предвидува и силен ветер, поради што е издадено жолто предупредување за истокот од земјава.