ОКТА ги објави финансиските резултати за третиот квартал од 2023 година со ЕБИТДА која достигна 430 милиони денари, значително повисока од онаа во третиот квартал од 2022 година, и добивка пред оданочување од 305 милиони денари, наспроти негативната во висина од -2 милиони денари остварена во третиот квартал од 2022 година.
Приходите од продажба изнесуваа 13.674 милиони денари, што претставува намалување за 22% споредено со истиот период минатата година, како последица на падот на меѓународните цени на горивата. Бруто маржата достигна 532 милиони денари, бележејќи покачување од 153 милиони денари остварени во третиот квартал од 2022 година, што е резултат на зголемениот обем на продажба на извозниот пазар, придружен од значителниот позитивен ефект на залихите во висина од 258 милиони денари, наспроти негативниот кој изнесуваше -172 милиони денари во третиот квартал од 2022 година. Постојаните инфлациски притисоци доведоа до зголемување на оперативните трошоци за 9%, споредено во однос на истиот период од претходната година. Прилагодената ЕБИТДА во третиот квартал од 2023 година, се намали за 26% споредено со истиот период лани, и изнесува 172 милиони денари.Побарувачката за горива на домашниот и извозниот пазар достигна 923 илјади m³, притоа забележувајќи раст од 3% споредено со истиот период минатата година.
Гледано на ниво на деветте месеци од годината, приходите од продажба изнесуваат 36.136 милиони денари, што претставува намалување за 20% споредено со истиот период минатата година, како резултат на пониските меѓународни цени на горивата. Во деветте месеци од 2023 година, ЕБИТДА изнесува 615 милиони денари, и е пониска за 41% споредено со истиот период минатата година, а добивката пред оданочување достигна 349 милиони денари, и е намалена за 59% споредено со истиот период лани.
Стратешката определба на ОКТА кон обновливите извори на енергија е изразена и во стратегијата за општествена одговорност на компанијата. Така, во текот на третиот квартал од 2023 година, компанијата донираше две фотоволтаични централи на образовни институции во земјата. Фотоволтаични централи беа поставени на покривите на градинката „Пепелашка“ во Скопје и средното економско училиште „Кирил и Методиј“ во Охрид. Во рамки на донаторските активности со кои компанијата го одбележува својот 45-ти јубилеј, ОКТА го објави и победникот на студентскиот конкурс за поставување на соларен полнач и паркинг за велосипеди кој ќе биде дониран на кампусот на УКИМ до крајот на годината. Долготрајното партнерство со кошаркарската репрезентација беше продолжено за уште две години, потврдувајќи ја посветеноста на компанијата за поддршка во спортот и инспирирањето на следните генерации на кошаркари.
Здравјето и безбедноста на нашите вработени и клиенти, како и континуираното и непречено снабдување на земјата со горива, остануваат врвни приоритети на раководството на ОКТА.