Нема да има уставна криза затоа што кандидатот што ќе биде предложен од СДСМ ќе биде победник на претседателските избори и потоа коалицијата предводена од СДСМ, заеднички со проевропскиот блок ќе биде победник и на парламентарните избори, рече пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски во „24 анализа” на Телевизија 24.
Каевски рече дека е убеден дека граѓаните препознаваат, овие избори ќе бидат референдум на кој ќе треба да се избере дали сме за напредок на државата или нови изолации, блокади и враќања во темно минато.
Единствената работа којашто ја прави опозициската ДПМНЕ е да блокира се што е добро за граѓаните. Се будат секое утро и велат што ќе блокираме денес? Наместо да гласа за ЕУ опструира, рече Каевски.
Консензус се прави со искрена политичка партија која мисли добро на државата, која нема да опстуира и блокира се што може да се блокира. Ги повикавме во сите процеси да учествуваат Приказните за бугарски диктати како и приказните дека не биле консултирани во ДПМНЕ, паѓаат во вода со многу изјави и факти кои потврдуваат дека тие одбија да учествуваат, дециден беше Каевски.
-Имаше покана да учествуваат во делот кога се формираа работни групи коишто ќе преговараат за преговарачката рамка. На прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ вели „нема да учествуваме”. Ги повикувавме за се и сешто, за се можно, а тие рекоа дека ќе блокираат затоа што сметаат дека така ќе се чукаат во гради и ќе се обидат да добијат некој политички поен и на тој начин да успеат да дојдат на власт, рече Каевски.
ДПМНЕ треба да бидат искрени и да кажат дали сакаат идентитетот, јазикот и посебноста да бидат проблем и да се извинат за искажаните лаги, додаде тој.
– ДПМНЕ има проблем со само проблематизирање на одредени работи. Наметнува работи за македонскиот идентитет, јазикот, посебноста, а сето тоа е затворена и гарантирана тема. Ако сметате дека имате вие проблем, кажете им на граѓаните дека имате проблем со тие работи и сакате тие работи да бидат проблем, рече пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.