Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска престојуваше во Јаунде, Камерун и учествуваше на 44-та Министерска Конференција на франкофонијата.
Во присуство на министрите за надворешни работи од земјите-членки на Меѓународната организација на франкофонијата, Османи истакнал дека оваа конференција е уште една можност за организацијата да ги потврди своите вредности кои ги негуваме и сакаме да ги промовираме.
-Северна Македонија е длабоко убедена дека Франкофонијата претставува семејство на нации кои, обединети околу францускиот јазик, исто така споделуваат заеднички аспирации за подобра иднина, заснована на мир, почитување на човековите права, одржлив развој, како и културна различност, солидарност и соработка. Затоа, ние сме многу горди што ѝ припаѓаме, потенцираше Османи.
Како што информираат од МНР, на маргините на конференцијата Османи остварил средби со министрите за надворешни работи на Швајцарија и на Франција, Игнацио Касис и Кетрин Колона и низа други неформални средби. Во фокусот на разговорите, како што посочуваат, биле билатералната и мултилатералната соработка меѓу земјите во доменот на Организацијата на франкофонија, Обединетите нации, како и предизвиците на ОБСЕ и претседавањето на Северна Македонија со Организацијата.