Секторот шумарство треба да доживее целосна трансформација. Во собраниска процедура во второ читање е новиот закон за советодавни системи во земјоделството, а во наредните пет години со 250 милиони евра ќе се модернизира македонското земјоделство преку ИПАРД програмата, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Во интервју за Гласот на Америка министерот Николовски зборуваше и за неодамнешниот саем за вино Белавита во Чикаго.
– Да, оваа година за прв пат закупивме национален штанд на еден од најголемите саеми во Америка, и тоа во Чикаго на Белавита каде што десетина наши винарии и извозници, големите винарски визби беа претставени со нашето македонско вино. Верувам дека до крајот на годината, исто овој проект, кој што беше инициран во САД во Чикаго, ќе биде реализиран, а тоа ќе отвори нови врати, нови можности за соработка и за зголемување на извозот на македонското вино во Америка, рече Николовски.
Покрај виното, кое што беше клучен производ за кој што беше организирана посетата во Америка, Николовски потенцира дека оваа година Ворлд топ експорт за 2022 година, Северна Македонија ја рангираше во првите 15 земји во светот по извоз на вино и оти расте извозот на вино генерално.
-Меѓутоа зборувавме и за младите, зборувавме и за шумарството каде што веќе конкретни проекти ќе спроведуваме, односно ќе имаме студиска посета на млади фармери во Вермонт, веќе на оваа студиска посета работиме заедно со амбасадата на САД, но секако и поддршката која што ја имаме во поглед на шумарството, рече министерот.
Николовски рече дека веќе е започнат еден голем проект за реформа на целокупниот сектор шумарство со поддршка на ЕУ, и дека во следните две години до март 2025 година, целокупниот сектор треба да доживее целосна трансформација.
-Јас се радувам што во собраниска процедура, веќе во второ читање е и новиот закон за советодавни системи во земјоделството. Нов закон со кој што целосно го трансформираме овој сегмент каде што дефинираме кој се може да биде советодавец во земјоделството, како се лиценцираат, кои се обуките што треба да ги поминуваат. Значи, нема да имаме само една агенција за поддршка на развој на земјоделството, туку по примерот на овие вакви успешни примери и земји, веќе воведуваме модерен систем на информирање на земјоделците, вели Николовски.