Брнабиќ: Кинеските инвестиции го стимулираа економскиот развој на Србија

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска на свеченото отворање на 6. Кинески меѓународен увозен саем во Шангај изјави дека економската соработка меѓу двете земји во наредните години ќе го реализира својот целосен потенцијал, јави дописникот на МИА од Белград.

– Во историјата на човештвото ретко се случувало големи земји да стапат во стратешки односи со помали земји, кажа Брнабиќ потенцирајќи дека Кина токму на тој начин ја почитува Србија, градејќи вистинско и искрено пријателство со неа, соопштија на веб-страницата на српската Влада.

Таа оцени дека присуството на земји од целиот свет на меѓународниот саем во Кина го покажува обемот на иницијативата „Појас и пат“ на кинескиот претседател Си Џинпинг.

Според Брнабиќ, во изминатите четири години, од 2018 до 2022 година, размената на стоки пораснала 2,7 пати, а извозот на Србија во Кина пораснал дури 12,7 пати. Во истиот период, Кина го зазеде првото место меѓу инвеститорите во Србија и таа позиција ја имала во 2021, 2022 година и во првата половина на 2023 година.

– Резултатот од ова е дека кинеските инвеститори се најголемите извозници. Со доаѓањето на Жиѓин во рударството, дојде до значителни промени и Србија стана вториот производител на бакар во Европа. Позитивното влијание на кинеските инвестиции врз српската економија е немерливо, нагласи Брнабиќ.

Таа изјави и дека кинеските инвеститори вработуваат повеќе од 28.000 луѓе во Србија, изразувајќи уверување дека соработката во иднина ќе се интензивира.

Брнабиќ потсети и дека претседателот на Србија Александар Вучиќ неодамна ја посети Кина и дека по тој повод се потпишани 18 договори, меѓу кои и Договорот за слободна трговија со Кина.

– Ни претстојат и нови области на соработка, како што се дигиталната економија, науката, технолошките иновации, рече Брнабиќ и ги покани присутните да ја посетат Србија и да учествува на меѓународната изложба ЕКСПО 2027 во Белград. 

Треба да знаете
Последни објави