Кошаркарите на Еуро Никел од Кавадарци среде Скопје му го расипаа дебито на клупата кај Работнички на својот поранешен играч и тренер Горан Самарџиев (70:74). Кавадарчани заслужено дојдоа до бодовите во натпреварот од 6. коло во прволигашката конкуренција од мак-баскетот. Гостите во поголемиот дел од натпреаврот и маа водство, а со серија 17:6 дојдоа до највисоката предност од 15 поени (60:45) во финишот од третиот период. Сепак Работнички не се предаде. Се вратија во игра со 11 поени во низа, а набрзо потоа израмни на (65:65) најавувајќи неизвесен финиш.
Поранешниот кошаркар на најтрофејниот тим Работнички, Дарко Соколов, постигна тројка за нова предност на гостите од Кавадарци која не ја испуштија до крајот. Работнички при резултат 70:72 имаа напад за изедначување,, но Американецот Трајс не погоди. Ова беше трет пораз за Работнички во последните четири меча, додека прв триумф за Еуро Никел по двата порази во претходните две средби.
Џексон Дубински со 23 поени беше најпрецизен кај Еуро Никел, додека Врањеш и Смит-Меквин постигнаа по 13 поени. Трајс со 17 поени беше најефикасен кај составот од „Градски Парк“.