Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека поради влошената безбедносна ситуација привремено повлекува дел од персоналот од британската амбасада во Либан, како и сите членови на семејствата на персоналот.
Во соопштението на Форин Офисот се наведува дека амбасадата во Либан продолжува да ги извршува основните задачи, вклучително и давање услуги на британските граѓани, јави „Гардијан“. Форин Офисот предупреди дека има постојани судири и воздушни напади во јужен Либан на границата со Израел кои би можеле да ескалираат, што би можело да ги ограничи можностите за излез од Либан.
Во соопштението се укажува и дека постои ризик од граѓански немири и протести, и се потсетува дека на 17 октомври имаше големи протести пред амбасадите, вклучително и американската и француската.
Британските граѓани треба да бидат претпазливи и да избегнуваат области каде што може да има демонстрации, советува Форин Офисот. Началникот на Генералштабот на израелската армија Херзи Халеви вчера изјави дека армијата е подготвена „во секој момент да почне офанзива на северот“, каде што Израел во последните неколку недели се бори со секојдневни ракетни напади од либанската милитантна група Хезболах.