Српската министерка за евроинтеграции: 2030 година ја гледаме како цел, а не како ветување за влез во ЕУ

Министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ изјави дека Србија претендира да стане членка на Европската унија до 2030 година, но дека не ја гледа таа година, која прв ја спомна претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како ветување, туку како цел кон која се труди да ја постигне.

„Ги реформиравме нашите институции, не само во областа на правдата, туку и во транспортот, безбедноста на храната и интелектуалната сопственост, се до законите за медиумите. Се разбира, има уште многу работа. Но, фантастичната перспектива да станеме дел од ЕУ, е моторот што ги движи и другите реформи“, изјави Мишчевиќ за германскиот канал Велт, пренесе Бета.

„Сакаме да бидеме подготвени веднаш штом ЕУ е подготвена да прими нови членки“, рече Мишчевиќ за телевизијата, која е во сопственост на истата медиумска групација како и весникот „Велт“.

„Ние сме единствениот регион кој е опкружен со земји од ЕУ, но не е дел од европските институции… Да ја погледнеме Србија. Две третини од нашата трговија е со ЕУ. Геополитичките промени во изминатите години покажаа колку е важно да се биде единствен“, рече Мишчевиќ.

Таа додаде дека Србија не се приклучи на западните санкции против Русија „бидејќи е многу зависна од руската нафта и гас, но работи на диверзификација на снабдувањето со енергенси“.

„Покрај тоа, населението на Србија не поддржува санкции поради сопственото искуство. Сакам да ве потсетам дека Советот за национална безбедност на Србија, од вториот ден од почетокот на војната, решително ја поддржува заштитата на територијалниот интегритет на Украина и стои со украинскиот народ“, рече Мишчевиќ.

Треба да знаете
Последни објави