Единаесет германски навивачи на Унион Берлин се уапсени поради предизвикување „сериозни инциденти“ во Неапол пред вечерашниот дуел против Наполи во фудбалската Лига на шампиони, соопшти попладнево италијанската полиција.
Истиот извор наведе дека околу 300 германски навивачи оштетувале изминатата ноќ автомобили и клупи во неколку улици во центарот на Неапол, по што „ги нападнале полициските сили со камени блокови за поплочување, палки, метални и дрвени прачки, како и пиротехнички средства“.
Уапсените се членови на „најекстремните ултраси“ на Унион Берлин, како и на Борусија Менхенгладбах, историскиот ривал на Наполи, кои одржуваат блиски врски со навивачите на Унион Берлин.
Натпреварот меѓу Наполи и унион Берлин е на програмата вечерва од 18:45 часот на стадионот „Марадона‘. Италијанскиот тим триумфираше на дуелот во Германија со 1-0.