Советот на постојани претставници на ЕУ го усвои Писмото со кое се упатува покана до Северна Македонија да ги подготви Патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација за отворање преговорите по Кластерот 1- „Фундаментални вредности“.
Како што јави дописникот на МИА одлуката беше донесена на вчерашното заседание на Советот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ – КОРЕПЕР 2, што го сочинуваат шефовите на мисиите и кој главно се занимава со политички, финансиски и прашања поврзани со надворешната политика.
Во врска одлуката на Советот, министерот за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук објави дека со ова успешно е завршена уште обврска која не носи поблиску до отворање на кластерите и поглавјата во насока на забрзана ЕУ интеграција.
– Добра вест од Брисел! Вчера, Советот на ЕУ го усвои Писмото со кое сме поканети да ги подготвиме Патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација за отворање на Кластерот 1- Темели, наведе Османи во објавата.
Европската комисија на почетокот на август го објави и на земјава и го достави Нацрт скрининг Извештајот за Кластерот 1 – „Фундаментални вредности“, кој содржи оценки засновани на информациите добиени за време на скринингот, на дијалогот што се води во рамките на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и на годишните Извештаи на Европската комисија, кои се дел од Пакетот за проширување на ЕУ.
Извештајот дава приказ на состојбата поврзана за сферите опфатени со овој Кластер и дава насоки за идните реформи кои земјава треба да ги спроведе во областа на владеењето на правото, реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и човековите права, како и да го зајакне функционирањето на демократските институции и реформата во јавната администрација, со цел исполнување на условите за членство во Унијата.
Во вчера објавениот Извештај за напредокот на земјава на европскиот пат се посочува дека нема напредок во делот на судството и борбата против корупцијата во текот на извештајниот период и дека судскиот систем е помеѓу одредено и умерено ниво на подготвеност. Во делот, пак, на борбата против организираниот криминал е нотиран одреден напредок и дека има одредено ниво на подготовка.
Во однос на човековите права се посочува дека земјата ги исполнува своите општи обврски, но законодавството треба да се спроведува на посистематски начин и дека правната рамка за почитување на правата е делумно усогласена со правото и стандардите на ЕУ.
Во делот на демократските институции се нотираат напорите за зајакнување на демократијата, но се посочува на политичката поларизација во Парламентот, која го одложува усвојувањето на многу реформски закони и важни именувања и се апелира на конструктивна и инклузивна политичка дебата за зајакнување на парламентарната улога.
Кога станува збор јавната администрација, посочен е ограничен напредок со усвојувањето на новата стратегија за нејзина реформа и се оценува дека земјата останува умерено подготвена по однос на ова прашање.