Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, денеска на брифинг со новинарите, посочи дека на 11 септември на подрачјето на Бутел, Старата чаршија и Чаир откриени се 44 неправилности во 63 контроли. Утврдено е и дека осум физички лица вршеле нерегистрирана дејност за што УЈП пријавила во Државниот пазарен инспекторат.
Таа соопшти и за постапување на 16 октомври во Арачиново, во соработка со МВР и Пазарниот инспекторат, каде што неправилност била констатирана кај осум од 16 објекти кои биле отворени во моментот на контролата, а биле откриени и осум со нерегистрирана дејност.
По реакции во јавноста, УЈП направила контрола и на паркингот кај поликлиниката Бит-пазар и утврдила две неправилности и две нерегистрирани лица кои наплаќаат паркирање.
-Во два наврата имаме постапено за овие случаи, и во двата обида имаме констатирано неправилност, што значи дека треба да има кривично дело. Меѓутоа, ќе видиме како да постапиме во координирана акција и со Пазарната и со Управата за финансиска полиција, рече Лукаревска.