Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска соопшти дека го разрешил министерот за одбрана Марио Баножиќ, кој утрово доживеа сообраќајна несреќа во која загина возачот на комбето, а тој беше тешко повреден.
„Го разрешив Баножиќ“, рече Пленковиќ на прес-конференцијата.
Тој рече дека го овластил државниот секретар да ги извршува должностите на министерот за одбрана.
Пленковиќ му изразил сочувство на загинатиот возач на комбе Горан Шариќ, пренесува „Индекс“.
Според „Индекс“, Баножиќ бил на лов кога се случила несреќата. Во несреќата загина 40-годишен маж од Привлака, татко на две деца. Жупаниското државно обвинителство соопшти дека Баножиќ претекнувал камионот во магла и директно се судрил со комбето кое доаѓало од другата насока.
Несреќата се случила во 6 часот и 15 минути на излезот од Винковци во правец кон Жупања.
Баножиќ бил примен во болницата во Винковци во 8 часот и 30 минути, а потоа бил префрлен во КБЦ Осиек. Од болницата во Осиек соопштија дека Баножиќ е на интензивна нега, дека има повреди на мозокот, градниот кош и екстремитетите, но дека животот не му е во опасност. Докторот кажа дека тој не се сеќава на судирот.



